Episodios

  • Balansing act
    Jul 29 2024

    Концептот на правична и рамномерна застапеност не е само последица на уставните амандмани произлезени од Охридскиот рамковен договор, туку е и едно од основните принципи врз основа на кои се уредуваат современите мултиетнички општества. Од една страна, ова значи релативно рамномерно претставување на различните етнички заедници во администрацијата, судството, јавниот сектор инт. Но, од друга страна, овој принцип не смее да го повредува начелото на квалитет и вредност, нешто што во македонското општество со години се проблематизира. Податоците на Центарот за управување со промени укажуваат дека спроведувањето на фамозниот „балансер“ е нешто што е подложно на крајно негативни јавни перцепции, особено во делот со изјаснувањето на етничката припадност, категорија која може да биде предмет на бројни манипулации, но и повреди на човековите права, доколку промената на ваквото изјаснување се забрани или ограничи. Конечно, најавата за комплетното укинување на балансерот во јавниот сектор упатува на една многу очигледна дилема – што би го заменило?

    За проблематиката на балансерот, неговото функционирање, предизвиците, но и иднината зборуваме со Неда Малеска од Центарот за управување со промени и Константин Битраков од Правниот факултет при УКИМ.

    Más Menos
    20 m
  • Колку пари, толку наука!
    Jun 10 2024

    Рангирањето на најстариот македонски универзитет на 1.990 место од вкупно 20.000 универзитети укажува дека Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) е многу блиску до испаѓање од 2.000 најуспешни универзитети во светот, а сè подалеку од посакуваниот пласман во првите 1.000 најуспешни универзитети. Она што навистина загрижува е надолниот тренд, каде од почетоците на неговото рангирање, УКИМ константно назадува. Другите македонски универзитети стојат уште полошо, но сепак очекувањата на јавноста во нашето општество се во најголема мерка фокусирани на УКИМ. И целиот притисок, секако.

    Се поставува прашањето: Дали е возможно подобрување на состојбите во оваа сфера со оглед на средствата кои се одделуваат за наука од страна на Министерството за образование и наука (МОН), кои од мали во меѓувреме стана симболични? Не е реално да се очекува подобрување на пласманот на УКИМ во услови на безмалку непостоечки буџет за наука, ниту компензирање исклучиво со странски проекти. Неуспешната либерализација на високото образование создаде само дополнителен притисок врз најстариот универзитет кој мораше да се прилагоди на новонастанатата ситуација. Од друга страна, дебалансот кој се создава со запишување на само одреден број факултети кои се сметаат за „вработливи“ дополнително придонесува кон одлив на мозоци со оглед дека оваа вработливост најмалку се однесува на локалната економија. Тоа ги намалува шансите за поквалитетен научен кадар, но и квалитетно задоволување на пазарот на труд на локално ниво, а редовната критика дека УКИМ не комуницира со пазарот на труд секако останува.

    За овие состојби и предизвици разговараме со проф. д-р Христина Спасевска и проф. д-р Владимир Петрушевски – Фили, обајцата поранешни проректори на УКИМ.

    Más Menos
    24 m
  • Токсично, потоксично – кампања!
    Apr 29 2024

    Почнаа кампањите. И претседателската и онаа за парламентарните избори. На почетокот претседателските кандидати некако срамежливо ги пласираа своите програми, а по втората недела работите почнаа да го добиваат својот вообичаен и очекуван тек – дисквалификации, навреди на идеолошка, но и лична основа, токсичност, партиски ботови и негативна кампања. Докажано е дека токму негативната кампања ги одвраќа неопределените гласачи да излезат на гласање, а истовремено токму овие неопределени гласачи кандидатите и партиите ги „ловат“ за подобрување на своето изборно конто. Значи, треба внимателно да се балансира меѓу навредите и додворувањето на неопределениот гласач, иако некогаш токму токсичните и штетни наративи се одлична алатка за мобилизација на потиштените гласачи и оној дел од општеството кој се чувствува обесправен и маргинализиран. Сè е до проценките, веројатно...

    Сепак, ако се држиме до цврсти и научно добиени податоци, шестмесечниот извештај на Институтот за комуникациски студии (ИКС) „Мерење на политички штетни наративи“ јасно покажува дека политичките партии и лидери на македонската политичка сцена нималку не се лишуваат од употреба на штетни и токсични наративи како „легитимен“ дел од својата политичка тактика. Медиумскиот мониторинг на штетните наративи на политичките партии и лидери во периодот септември 2023 – февруари 2024 покажува загрижувачки податоци за зачестеноста и интензитетот на штетните наративи во политиката, нешто што е сосема логично да очекуваме да се влоши во текот на целиот период во кој ќе имаме две паралелни кампањи. Токму за овој извештај и за наодите до кои дојде тимот кој го изработува, разговараме со Бојан Георгиевски од ИКС и Елеонора Серафимовска од ИСППИ.

    Más Menos
    25 m
  • Младите можат... можеби
    Apr 9 2024

    Истражувањето за состојбата на демократијата ширум светот спроведено од ценети универзитети, истражувачки центри и меѓународни организации, открива голем број загрижувачки податоци во врска со ангажирањето на младите во политиката и нивното задоволство од демократијата. Како резултат на тоа, постои глобален пад на интересот на младите за политиката, како и нивното учество во гласачкиот процес.

    Причините за овој пад се зголемениот економски јаз и исклучувањето на младите од пазарот на труд. Дополнително, миленијалците (родени 1981–1996) генерација со убедливо најмалку верба во демократијата и најскептичен став, според студија на Универзитетот Кембриџ. На ова се додава и комплетното отсуство на искуство или паметење на помладите генерации на каква било форма на авторитарен режим, па оттука лесно доаѓа до глорификација на вредности, кои ниту се искусени, ниту се разбрани, а кога би биле, веројатно ставот не би бил толку лаконски.

    Кај нас, состојбите се по малку конфузни. Од една страна, најмладата генерација по одредени прашања има и поавторитарни ставови од средната генерација, со силно изразена тенденција кон популистички лидери и решенија. Од друга страна, најмладата генерација е најмалку мотивирана да гласа но има пооптимистични ставови во однос на доверба во институциите, НАТО и ЕУ и генерално кон политичките чинители, иако вредностите не се претерано високи. Од трета страна, пристапот кон дигитални алатки и дигитализацијата на политичкиот процес вооопшто носи сосема нови и неиспитани предизвици кај младите.

    За оваа и многу други теми разговараме со Данило Крстовски, претседател на Факултетското студентско собрание на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и Савче Ѓошева, студентски правобранител на УКИМ.

    Más Menos
    23 m
  • Жени во(н) политика!
    Mar 4 2024

    Студиите спроведени од веродостојни меѓународни организации покажуваат дека кај жените, споредено со мажите, постои три пати поголема веројатност да бидат жртви на насилство како резултат на нивното активно учество во политиката. Постојат многу различни видови насилство, вклучувајќи заплашување, говор на омраза, закани, психичко малтретирање, сексуално вознемирување и понижување. Постојат многу различни форми, но причините зад нив сè уште се мистерија за науката. Едно објаснување што може да се даде е дека насилниците се обидуваат да ги спречат жените да учествуваат колку што е можно повеќе во политиката, бидејќи не ги гледаат како рамноправни членови на општеството - постапка која треба да ги обесхрабри жените од самиот почеток да се занимаваат со политика и да ја напуштат своеволно. Ова е поврзано со обесхрабрувањето на жените воопшто да влезат во политиката и да се ангажираат во политичкиот процес.

    Резултатот е несомнено штетен, бидејќи политичкиот процес ја губи својата репрезентативност. Дополнително, вклученоста на жените во политиката има поволно влијание кое науката го поврзува со поголемиот степен на смиреност, зголемената емпатија и леснотијата во пронаоѓање компромиси за одредени теми. Ситуацијата кај нас е идентична - учеството на жените беше и останува неверојатно ниско, особено на извршните позиции.

    Што е политичко насилство врз жените, зошто сè уште се случува и како влијае на репрезентативноста и на политичкиот процес воопшто, разговараме со Бојана Јовановска од Институтот за комуникациски студии и Гордан Георгиев од Форумот за разумни политики.

    Más Menos
    24 m
  • Јас само да прашам!
    Feb 5 2024

    Предизборните кампањи само што не почнале. А еднаш кога ќе почнат, испитувањата на јавното мислење се секојдневна тема, па зачестуваат и објавите на различните институти, агенции и центри кои испитуваат јавно мислење. Партиските реакции следат „по дифолт“. Граѓаните секогаш реагираат на анкетите, некогаш позитивно, а често и негативно, особено затоа што многумина сметаат дека анкетите се инструмент за правење притисок и насочување на јавното мислење кон одредена партија или коалиција. Неретко грешки прават и медиумите и ја комплицираат ситуацијата, бидејќи нејасно известуваат за анкетните резултати и не ги објаснуваат доволно и во детали резултатите кои ги анализираат. Дополнително, граѓаните се збунети и од анкетните центри „за една употреба“ кои објавуваат испитувања на јавното мислење со нереални и очигледно пристрасни резултати што резултира со неможност на граѓаните да разликуваат меѓу кредибилни и не кредибилни центри за испитување на јавното мислење.

    За темата испитувања на јавното мислење, зборуваме со Андреја Стојковски од „Преспа Институтот“ и Никола Спасов од агенцијата „Рејтинг“.

    Más Menos
    23 m
  • Why so serious?
    Dec 27 2023

    Живееме во време на политичка коректност. Потребата за внимавање при изразување на сопствените ставови со цел да не се повреди или дополнително влоши состојбата на одредени општествени групи кои притоа може да се маргинализирани е легитимна, но прашањето е - дали хуморот треба и уште повеќе, во која мерка треба да се цензурира со цел да не повредат нечии чувства. Дали намерата е битна или не? Се чини дека просторот за хумор се стеснува и од лево и од десно. Левицата е сензитивна за работи кои се поврзани со сексуалниот или родов идентитет, додека десницата е подеднакво чувствителна на теми кои го допираат националниот или религиозен идентитет.

    Бројот на теми кои се забранети и непожелни, а често може да предизвикаат бојкот или јавен линч, од ден на ден се зголемува. Од друга страна, се поставува прашањето - кој е општествениот авторитет кој ќе каже што, кога и колку треба да биде цензурирано, и кој на тој авторитет му го дал тоа право со оглед на тоа дека каков и да е, тој ќе има одредена идеолошка, политичка, па и секаква друга пристрасност? Како тоа, од една страна, сè повеќе поддржуваме култура на бојкот на неистомисленици дури и кога се работи за хумор како јазична алатка, а на нашите ТВ претплати се наоѓаат емисии кои се олицетворени на политички некоректен, брутален и навредлив хумор кој во таков контекст не ни пречи?

    За овие теми разговараме со проф. д-р Бобан Карапејовски од Филолошкиот факултет при УКИМ и проф. д-р Александар Таковски од ААБ колеџот во Приштина.

    Más Menos
    22 m
  • Засега без добар наслов
    Dec 5 2023

    Независноста на македонската држава беше прилика и за економско осамостојување и напредок. Сепак, првата декада по независноста со ништо не навестуваше дека ова ќе биде реалност. По, без малку, катастрофалната приватизација на општествениот капитал, следеше декада на сиромаштија и социјално раслојување која кулминираше со конфликтот во 2001 година. И додека економијата полека почна да застанува на нозе по драматичните деведесетти, се отворија нови дилеми. Една од нив секако беше дали денарот треба да има стабилен курс или е потребна мала и контролирана инфлација, збор кој постарите генерации не го паметат по добро од претходниот систем. Не помалку важна беше и фискалната дилема меѓу рамните и прогресивни даноци, а во последната декада се интензивира и дебатата за одливот на работна сила и како истиот би се надоместил.

    Најновите геополитички превирања повторно го вратија прашањето на инфлацијата на маса, но сепак постои едно подолгорочно и погорливо прашање – како во овие три декади независна македонска економија капиталот успеа да најде толку малку сопственици, а успеа да продуцира толку многу транзициони губитници?

    За овие теми разговараме со проф. д-р Борче Треновски од Економскиот факултет и проф. д-р Александар Стојков од Правниот факултет „Јустинијан Први“.

    Más Menos
    24 m